Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување во централниот Дневник на телевизија Сител во рамки на Тема на денот се осврна на претстојниот Конгрес на партијата, како и на резултатот од локалните избори.

„Подготовките за редовниот 18 Конгрес започнаа во јули согласно со правните акти на партијата. На Конгресот ќе има над 800 делегати, 1800 гости, ќе донесеме и важни стратешки документи кои ќе бидат идна тратекторија на партијата. Секако овој Конгрес треба да ни е една подготовка за подобро структуирање на партијата, односно да имаме зајакнување на структурата, влез на нови луѓе и да направиме она што беше очекувано победата на локалните избори да е вовед во голема победа на парламентарните избори ако бидат редовни во 2028 година. Треба да покажеме дека ќе има континуитет и ВМРО-ДПМНЕ ќе испорачува за граѓаните и за државата“, рече Сајкоски.

Сајкоски укажа дека тоа што се случи на локалните избои за ВМРО-ДПМНЕ е голем резултат и оти тоа се историски резултати воопшто.

„Анализирајќи преку бројки резултатите имаат историски, голем резултат. Добивме голема доверба од граѓаните и следниот период ќе следи и анализа, но морам да прецизирам ВМРО-ДПМНЕ доби општини кои дваесеттина години биле во рацете на градоначалници од СДСМ. Тоа се Струмица и Карпош, но и Крушево, Валандово, Дојран… ВМРО-ДПМНЕ го доби и Кичево. Го изгубивме 2013 година и се провлекуваше тезата за етничка линија. Нашиот кандидат доби гласови од сите, затоа ова е најсилен исчекор што го имала некоја политичка партија“, кажа Сајкоски.

Сајкоски укажа дека огромната бројка на општини што ги доби партијата, определбата на граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ се важна порака до партијата.

„Пораката значи дека треба многу да испорачаме на секое ниво. Ние како водечки политички субјект треба да работиме многу и да испорачаме многу за да ја оправдаме довербата од граѓаните“, заклучи Сајкоски.