Членството во Европската Унија останува врвен стратешки приоритет на државата, а Владата е целосно посветена на усогласување со европските стандарди, особено во областа на владеењето на правото, порача денеска првиот заменик‑претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали на средбата со амбасадорката на Кралството Холандија во земјава, Озлем Џанел, на која било разговарано за процесот на европска интеграција, реформските активности и билатералната соработка.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на министерот, се разговарало и за уставните измени како клучен чекор за отворање на кластерите во преговорите со ЕУ, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“.
Сали информирал дека третото барање за исплата на средства е поднесено навремено и дека е постигнат значителен прогрес во спроведувањето на реформите.
Двете страни ја истакнале подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката, особено во областите поврзани со реформските процеси и владеењето на правото.




