-По 24 часа брзинско одење, изминати 105 км и совладана висинска разлика од 5382 метри, соло обидот на нашиот член Никола Илиевски-Жика за брзо минување на Западна Македонска Трансверзала заврши во Маврово, информираат од македонското планинарското друштво I love hiking.

Како што наведуваат на нивниот инстаграм профил, пешачењето по западната трансферзала која најчесто се оди од Љуботен до Охрид морало да прекине поради проблем со стапалата и влажната патека по која се движел Илиевски во текот на ноќта и утрото, како и студеното време, проследено со магла.

И покрај тоа што, западната македонска трансферзала не е во целост завршена, сепак овој подвиг е огромен успех, од причина што тешката патека започнувајќи од Љуботен, па се до Маврово пред сè е логистички тешка и никаде нема можност за засолнување.

-Исто така, огромно браво за Игор Ивановски и Жикица Ивановски од клубот TREX – Trail Running Extreme, кои после еден час тргнаа по истиот пат и од истата причина финишираа во Маврово, велат од планинарското друштво.

Брзинското минување на западната македонска трансферзала сè уште останува нерешена загатка и со право го држи приматот на една од најголемите авантуристички предизвици на овие простори.