За време на нејзиното претседателство со ЕУ во втората половина на годината, Словенија планира да биде домаќин на самит ЕУ-Западен Балкан, но координацијата меѓу Брисел и Љубљана сè уште е во тек, а роковите не се усогласени, јави денеска словенечки „Дело“.
Според планот на словенечката Влада, еден ден пред самитот ЕУ-Западен Балкан, Словенија треба да биде и домаќин на неформален самит на лидерите на земјите-членки, посветен на отпорноста на Унијата кон кризата.
Сепак, реализацијата на овие два настани е „сè уште е во воздух“, а терминот – средина на септември – предложен од владата на премиерот Јанез Јанша е спорен, пишува словенечкиот весник повикувајќи се на неофицијални извори во Брисел.
Тешкотиите во организирањето на овие средби „во живо“ во Словенија не се предизвикани само од „непредвидливата епидемиолошка слика“, и затоа Брисел сè уште не и дал зелено светло на Словенија да ги подготви тие две средби на врвот, ги пренесува Хина наводите на словенечкиот весник.
Дипломати во Брисел не се за терминот во септември и го наведуваат ноември како друг можен термин, но тоа сè уште не е потврдено.
Според неофицијални извори, заплетот е поврзан и со содржината на состаноците, кои треба да бидат координирани со кабинетите на претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
Што се однесува до самитот ЕУ-Западен Балкан, во Брисел неофицијално се проценува дека вистинскиот момент за тоа може да биде крајот на годината, само кога ќе „има што да се покаже“ во врска со проширувањето на ЕУ на Балканот, што сега не е случај, пишува „Дело“.
Покрај тоа, ова лето може да се одржи конференција за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, па затоа не би било целисходно овие собири да бидат веднаш еден по друг.