Непостоењето интегриран систем на размена на податоци за имотот и неговите сопственици меѓу општините и Агенцијата за катастар на недвижнини, како и традиционалниот систем на доброволно пријавување на данокот на имот и ниската даночна стапка се главната причина поради која општините и Град Скопје имаат слаба наплата на данокот на имот.

Податоците на Градот Скопје покажуваат дека само 25% од сопствениците на имот во Скопје плаќаат данок на имот. Дури 75% од имотите во главниот град не се пријавени. Не е подобра ниту состојбата во останатите локални самоуправи во земјава. Одделни општини воопшто и не наплаќаат ваков данок.

Од Градот и од општините велат дека немаат целосни податоци за имотите и за сопствениците на имоти на нивните територии, а причина за тоа се пропусти при преносот на ингеренциите од централната кон локалната власт во однос на даноците. Сега овие податоци ги добиваат од Агенцијата за катастар за што треба да платат надоместок за услугата кој зависно од бројот на сопственици на имоти прави баснословни суми кои општините треба да ги обезбедат од сопствените буџети.

Општините бараат и нивните даночни одделенија да се вклучат во интегрираниот систем на државните органи и Агенцијата за катастар од каде што ќе можат да ги земаат бесплатно податоците за сопствениците на имот на дневна основа за да можат да им подготват и даночни пријави. Бесплатен пристап до овие податоци имаат Управата за јавни приходи, Финансовата полиција, МВР и Министерството за финансии, но не и општините кои издаваат решенија за данок и за кои тоа е еден од основните приходи. Тоа се должи на тоа што земјава не е децентрализирана.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера рече дека Градот сега треба да издвои повеќе од 2 милиони евра за да ги добие податоците за сопствениците на имот за да може да им издаде решенија за данок. Толку им побарале од Агенцијата за катастар за да им ги дадат податоците.