Екстремните климатски промени можат да се спречат со садење на милијарда хектари шума, покажуваат резултати од студија за климатски промени што ја изготви Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), кој е научно тело на Обединетите Нации задолжено за науката поврзана со климатските промени.
Истражувачите велат дека на Земјата има доволно простора да се засади шума со површина колку САД, и оти таквата шума би имала големо позитивно влијание врз климатските промени.
Со садењето на шумата, количината на јаглен диоксид во атмосферата би се намалила за 25 отсто.
Тоа, според авторите на студијата, моментално е најефикасно решение за климатските промени во светот.
Меѓутоа, неколку истражувачи изразија резерви и ја оспорија идејата дека садењето дрва е најдобро решение за климатските промени.
– Пошумувањето можеби е најефикасно решение, но далеку е од „најдобро решение за климатските промени“, особено во однос на целосно намалување на емисијата фосилни горива, смета професорот Мајлс Ален од Универзитетот Оксфорд.
Други не се убедени дека дрвата ќе ја апсорбираат огромната количина јаглен диоксид.
Поради можноста да апсорбира јаглен диоксид, дрвата се важно оружје во борбата против се повисоките температури.