Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ објави дека утре, 21 декември, ќе започне санација и децениски задоцнета модернизација на главниот градски водовод.

Операцијата, која е планирана во раните утрински часови, ќе трае не повеќе од 15 часа. Целта на акцијата е да се подобри водоснабдувањето и притисокот во општина Ѓорче Петров и во Карпош, како и да се поправат значителни загуби на вода кои постојат во овие делови од градот.

„Главната цел на Оперативниот план е да се подобри водоснабдувањето и притисокот во општина Ѓорче Петров и во Карпош, преку репарација на шест критични сегменти на водоводната мрежа каде се забележани огромни загуби на вода. Акцијата е неопходна за да се спречат проблеми како што се тие во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде што граѓаните немаат вода поради несанирани дефекти“, информираат од претпријатието

Во рамките на овој зафат, ќе се преземат следните мерки:

Замена на нефункционален затварач Ф 400мм на кружен тек во Ѓорче Петров.

Репарација на затварач Ф600мм на мостот Обединети нации, кој е во процес на протекување.

Заптивање на затварач Ф700мм на булеварот Партизански одреди, кој исто така протекува, како и замена на затварач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта.

Санација на затварач Ф700мм и Ф500мм на улицата Никола Парапунов.

Замена на четири водушни вентили.

„Согласно Оперативниот план за санација на затварачите на градската водоводна линија Ф1600мм, Сектор Водовод презема бројни оперативни активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи, како и проверка на исправноста на воздушните вентили, испустите и хидрантите. По утврдување на нивната исправност, ќе се обезбеди сигурно празнење и полнење на системот“, изјави претставник на водоводната компанија.

Акцијата е предвидена да започне на 21 декември, со почеток во раните утрински часови. Во текот на операцијата, сите екипи на Секторите ЕОК, Механизација и Водовод ќе бидат присутни на локациите на зафатите. Се очекува целата санација да биде завршена за помалку од 15 часа, при што најголем дел од времето ќе се одвои за процесот на празнење и полнење на магистралниот водовод.

„Апелираме до сите јавни чинители да внимаваат при изнесувањето на информации и да не предизвикуваат страв и паника кај граѓаните за неколкучасовното немање вода. Овој сериозен зафат се презема за да се превенираат состојби како што се тие во Тетово, Битола, Штип и во Неготино, каде со денови и недели немаше вода поради несанирани дефекти“, додаде претставникот од Секторот Водовод.

За сите прашања во врска со статусот на операцијата, од Водовод и канализација Скопје велат дека ќе бидат достапни за одговори во текот на целото времетраење на санацијата.