Фудбалерот на Интер, Алексис Санчез се сети на престојот во Манчестер Јунајтед и откри дека не бил особено среќен на „Олд Трафорд“.
Напаѓачот потпиша со „црвените ѓаволи“ во јануари 2018 година, по разделбата со Арсенал.
– Сфатив многу работи по мојот прв тренинг. Само што се вратив дома, го прашав мојот менаџер дали можеме да го откажеме договорот и да се вратиме во Арсенал. Не ми се допадна нешто, но веќе потпишав. Поминаа месеци и јас продолжив да се чувствувам исто. Не бевме обединет тим. Новинарите кажуваа што сакаа. Поранешните играчи исто така коментираа и немаа идеја што се случува во клубот. Навредливо е. Ние едноставно не бевме едно семејство во соблекувалната и тоа беше очигледно на теренот. Ако некој требаше да биде обвинет, тоа бев јас, изјави Чилеанецот.
Се чини дека Санчез конечно ја најде фудбалската среќа откако се врати во добра форма во Интер и потпиша постојан договор со „нероазурите“.