Менаџерот на Челзи, Маурицио Сари пред првиот натпревар од осминафиналето на Лига Европа против Динамо Киев изјави дека англиските клубови тешко се натпреваруваат во европските натпреварувања поради презаситениот распоред на домашната сцена.
– Во моментов сме одиграле шест, седум или осум натпревари повеќе од другите европски тимови. Осум натпревари значат два месеци со средби во средината на неделата и два месеца без тренинзи. Англиските тимови многу тешко успеваат да бидат конкурентни во Европа, изјави менаџерот на „сините“.
Тој даде споредба со Италија, односно ако тимот игра во Лига Европа, по натпреварот може да побара да го одложи дуелот за понеделник, бидејќи ден одмор е многу важен.
– Ќе играме во Премиер лигата 62 часа по натпреварот со Динамо Киев – тоа е многу рано, смета Сари .