Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола имал среќа што му беше дадено доволно време за да се прилагоди на англискиот фудбал и да ја наметне својата филозофија во клубот, пред да ги изведе до титули, изјави менаџерот на Челзи, Маурицио Сари.
Италијанскиот стручњак е под притисок во Челзи, откако клубот падна на шестото место на табелата во Премиер лигата и беше исфрлен од ФА Купот. Гвардиола го презеде тимот на Сити во 2016 година и ја заврши деби сезоната без трофеј за прв пат во својата кариера. Минатата сезона Каталонецот ги изведе Сити до титулата со рекорден број на поени.
– Гвардиола имаше среќа. Мислам дека ако го изберете Пеп, треба да се почека, бидејќи клубот знае многу добро дека на нему му треба време. Не е многу лесно за англиски тим да го игра овој стил на фудбал, па нормално е да има трпение, изјави Сари пред финалето на Лига Купот помеѓу двата тима.
Челзи изгледаше како претендент за титулата во почетокот на сезоната, кога Италијанецот ги изведе до 12 натпревари без пораз во Премиер лигата, но допушти шест порази во последните 14 средби.
– На крајот најважни се резултатите. Во мојата работа ми е потребен резултатот, ништо друго. Не знам дали сум под притисок од мојот клуб. Важно е да победиме во финалето, во спротивно остануваме втори. Мислам дека е многу важно за нас, бидејќи треба да си ја вратиме довербата, додаде Сари.