На поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе му се суди за афера поврзана со нелегално финансирање на неговата кампања со пари од Либија, објавија финансиските обвинители.
Истражните судии наредиле судењето на поранешниот претседател и на 12 други осомничени да започне во јануари 2025 година. Саркози е обвинет за незаконско финансирање кампања, злоупотреба на јавни средства и поткуп.
Аферата со Либија се однесува на наводите дека парите за изборната кампања на Саркози во 2007 година дошле незаконски од режимот на тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи. Во 2016 година, сведокот рече дека на крајот на 2006 или почетокот на 2007 година донел неколку куфери со вкупно пет милиони евра во париската полиција, со која тогаш раководел Саркози.
Конзервативецот, кој беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година, од самиот почеток ги негираше обвинувањата и со години се бореше со судството поради различни обвинувања. Во мај, апелациониот суд ја потврди неговата тригодишна затворска казна за поткуп и несоодветно влијание, од кои две години беа условни. Саркози најави дека ќе поднесе жалба.
Жалбениот процес поврзан со прекумерното трошење за неговата, на крајот неуспешна кампања, за реизбор во 2012 година треба да започне во ноември. Саркози со првостепената пресуда за тој случај е осуден на една година затвор.