Англија мора да избори полуфинале на стадионот „Вембли“ на ЕУРО 2020, а секој друг резултат освен пласман меѓу четирите најдобри европски репрезентации ќе биде неуспех, оцени денеска англискиот селектор Герет Саутгејт.
Англија своите натпревари против Хрватска, Шкотска и Чешка ќе ги игра на својот омилен стадион, а потенцијално на „Вембли“ може да го одигра и осминафиналниот дуел доколку заврши првопласирана во групата Д.
– Да, веројатно се освен пласман во полуфиналето ќе биде неуспех. Мораме да живееме со ова очекување. Дали сме подготвени за титулата? Па, во два наврати доаѓавме до полуфиналето, така што следниот чекор е да се обидеме да одиме понатаму, изјави денеска Саутгејт.
Англија во историјата има само едно големо финале, кога на Светското првенство во 1966 година на„Вембли“ ја освои титулата победувајќи ја Германија. Триесет години подоцна, на ЕУРО 1996, Германците се одмаздија совладувајќи ја Англија во полуфиналето на пенали, а токму Саутгејт го промаши.