Советот за безбедност на ОН вечерва зад затворени врати ќе расправа по обвинувањата на Русија дека Украина се подготвува да употреби „валкана бомба“, тврдење што западните земји и Украина го негираа.  

Дискусијата ќе се одржи на иницијатива на Русија. Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, испрати писмо до Советот за безбедност и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во кое ги повторува обвинувањата за провокации на Украина.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу завчера за прашањето телефонски разговарал со министрите за одбрана на Турција, Франција, Велика Британија и на САД.  

Шојгу притоа им ја пренел својата загриженост за „можна провокација на Украина“ и можната украинска употреба на т.н. „валкана“ бомба на нејзина територија, а потоа Русија да биде обвинета за нападот.  

Украина и западните земји на таквиот потег на Москва гледаат како закана дека под таков изговор токму Русија би можела да употреби „валкана“ бомба“.