Над 500 нови вработувања во ЕСМ, 80 огласи за работа во Агенцијата за администрација, 41 нов работник се бараат и во Фондот за здравство, 15 нови му требаат на Османи во МНР, девет нови ќе има и во транспорт и врски, осум во Министерството за информатичко општество, исто толку и во Општата болница во Велес. А сето тоа на само неколку месеци пред изборите.
За многумина чудно, за премиерот немало ништо спорно. Сега било декември, изборите биле во мај, па не можеме да зборуваме за предизборни вработувањата. Ваква е логиката на Димитар Ковачевски, за огласите за вработување на повеќе од 500 луѓе во ЕСМ , за плати и до илјада евра.Според него немало ништо спорно што само во македонските електрани ќе бидат вдомени најмалку 500 луѓе, и тоа на нешто повеќе од 100 дена до изборите и еден месец пред формирањето на техничката Влада.
-Јас не би кажал дека се предизборни вработувања, изборите се на осми мај, а денеска сме декември. Така да не знам тука што е предизборно. Инаку, за тоа која компанија како работи се прашува менаџментот на компанијата, така да прашањата ќе морате да ги поставите до менаџментот, а сигурно дека вработувањата се дел од техничко технолошкиот процес за пополнување на потребните работни места, изјави Ковачевски.
Според лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ваквите вработувања се обид и надеж на СДСМ и ДУИ да го ублажат поразот на изборите во мај. Вели дека не е против вработувања на луѓе, но сепак мора да се запрашаат сите зошто тоа се прави непосредно пред изборите.
-Вистинското прашање е зошто тоа не се случи пред неколку месеци, зошто тоа не се случи пред една година. Зошто се случуваат овие стотици вработувања конкретно во АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, сега на неколку недели пред избори. Јасно е мислат овие Зечевиќ, Маричиќ, Ковачевски, Ахмети, Груби, Османи дека на тој начин ќе го намалат притисикот врз нивниот пораз и дека на тој начин ќе направат подобар резултат, но се лажат, изјави Мицкоски.
Од ЕСМ пак се правдаат, им требале нови вработени, а во минативе години бил намален бројот на луѓе кои работеле во Електраните на Македонија.
-Во АД ЕСМ од почетокот на 2020 година до крај на 2023 година бројот на вработени се намалил за 1190, од кои над 76% биле со работни места во производствениот процес, а над 23% административни работни места, велат од ЕСМ.
Според огласот, во оваа компанија ќе може да аплицираат заинтересирани кои сакаат да работат како хигиеничари, електричари, инженери, хаус-мајстори, возачи и курири. Платите за нововработените ќе бидат од 30 до 60 илјади денари.