И денешната четврта по ред средба меѓу работните групи на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство со што треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, заврши без договор.
Министерката за правда Рената Дескоска посочи дека на средбата било разговарано за две клучни теми: за статусот на СЈО и во делот што се однесува за почнатите постапки и во делот за употребата на доказите, за што смета дека е клучниот камен на сопнување.
– Во делот што се однесува на другите прашања може да се констатира дека ги соочивме аргументите, слушнати се пораките од Европската Унија што беа многу јасно кажани во изминатиот период, така што во тој дел можеме да констатираме одреден напредок, рече Дескоска.
Додаде дека прашањето не е затворено целосно и оти се потребни дополнителни консултации и препораки во делот на продолжување на постапките.
– Нашиот став е дека не смее да се дозволи со затворање на која било постапка со закон да пропаднат докази и со тоа да се случи практично амнестирање на криминал. Во делот на статусот тука ќе може послесно да се најде решение, бидејќи пораката на меѓународната заедница за Специјалното јавно обвинителство со посебна структура од обвинителството за организиран криминал, со утврдени надлежности и функционалност во гонењето на криминалот беше многу јасно кажано и мислам дека тука можеме полесно да дојдеме до одредени компромисни решенија, рече Дескоска.
Прашана дали има шанси Собранието да закаже седница доколку се договорат да се изгласа законот, Дескоска рече дека постои можност бидејќи, како што додаде, сите пораки што ги добиваме од Европската Унија се дека треба да се донесе овој закон што е можно побрзо.
– Сакам да укажам дека дури и да не се постигне согласност за овој закон, има резервни варијанти за продолжување на истрагите за продолжување на постапките, но се надевам сепак на решение кое ќе значи носење на нов закон, рече Дескоска.
Според Артан Груби од ДУИ овој пат средбата била многу конструктивна. Тој се надева дека во најскоро време по дополнителни консултации ќе ги продолжат разговорите и ќе најдат заеднички јазик за да ги надминат разликите што постојат во однос на текстот на законот.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека останува желбата да продолжат овие консултации со надеж дека ќе најдат одредено компромисно решение кое Собранието ќе може да го поддржи со консензус, бидејќи, како што рече, консензуално донесен закон за јавно обвинителство ќе значи долгорочно решение кое не би се отворало и политизирало повторно во краток период.