СДСМ најави дека ќе го блокира Законот за кредитот со Унгарија со тоа што нема да ја закаже седницата на Комисијата за финансирање, поради, како што рече претседателот на партијата Венко Филипче, законот е коруптивен и се носи со скратена постапка. Тие бараат власта овој закон да го повлече и да го стави во редовна процедури со што ќе се отвори јавна дебата околу договорот со унгарската Експорт импорт банка со кој граѓаните ќе се задолжат со 500 милиони евра, рече Филипче.

„Ако го поминете законот вака на чело ќе си напишете сами на себе за корупцијата која ја правите. Немате оправдување за овој начин на носење на законот освен да ја скриете вистината и корупцијата која ја спремате. Доколку Владата не го повлече законот и не се поднесе по редовна процедура со цел да се отвори јавна расправа со цел да го слушнеме мислењето на експертите за многу членови кои мислиме дека се сомнителни, дека нешто е скриено, ако се остане на ставот да продолжи оваа постапка ние нема да учествуваме и нема да ја закажеме Комисијата за финансирање и буџет“, изјави Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски не е загрижен околу ваквите најави, вели Деловникот е јасен, но истакнува дека опозицијата тоа го прави поради страв дека власта ќе има бенефит од вложување на овие средства.

„Деловникот е јасен има таму период кога треба да се стави оваа точка, доколку не се стави што се прави и така натаму и тоа ќе се прави. Опозицијата, претпоставувам Левица, ДУИ, СДСМ ќе се обидат, дури и мислам дека на недемократски начин да ја опструираат работата на Комисијата. Вистинската намера на опозицијата е стравот бидејќи, ако овие средства се вложат на начин на кој што планираме да ги вложиме ние ќе добиеме политички бенефит од сето ова.“, изјави Мицкоски.

Законот за заем треба да се разгледа на матичната Комисија за финансирање и буџет чиј претседател е Сања Лукаревска. Но според новиот Деловник законите не може целосно да се блокираат бидејќи предвидува ако претседателот не свика седница на Комисијата, таа може да биде закажана од претседателот на Собранието и со него ќе претседава членот на комисијата што тој ќе го определи.