Уште повеќе инвестиции во инфраструктурата, изградба и рехабилитација на над 2.000 километри патишта во новиот мандат на Владата предводена од СДСМ, соопшти денеска СДСМ.
Во продолжение целото сооопштение од владејачката партија:
Владата предводена од СДСМ, во наредните четири години ќе се посвети на високо ниво на реализација на капиталните инвестиции како услов за заздравување на домашната економијата.
Инвестициите во инфраструктурата ќе се реализираат преку изградба и рехабилитација на над 2.000 километри патишта и тоа 250 километри автопатна мрежа, изградба на 300 километри експресни патишта, над 1.000 километри рехабилитација на регионални патишта и рехабилитација на околу 450 километри локални патишта.
Ќе се инвестира и во комуналната инфраструктура преку изградба на нови 500 километри водоводни и канализациони линии, а истовремено утврдена е динамиката на изградба на преку 700 социјални станови.
Фокус на Владата и понатаму останува изградбата на пругата на Коридор 8, со започнување на втората и третата фаза од железничкото поврзување со Република Бугарија, како и пуштањето во сообраќај на новата пруга од Битола до Кременица.
Приоритети се изградба на автопатот Кичево-Охрид, целосна реконструкција на патниот правец од Струга до граничниот премин Ќафасан, започнување со постапка за проширување на автопатот Тетово-Гостивар. Истовремено се врши проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево како и со изградба на автопатот Скопје-Блаце.
Во овој мандат ќе започне изградба на нови два експресни патишта: Смоквица-Струмица-Ново Село и Битола-граничен премин Меџитлија со обиколница Битола, а продолжува втората фаза на изградба на експресните патишта Штип-Радовиш, Штип-Кочани, Ранковце-Крива Паланка и Градско-Прилеп.
Со подобрување на урбанистичкото планирање ќе се обезбеди вистински развој на урбаните средини преку рационално и хумано планирање на просторот, каде нема повеќе да се дозволува узурпација на просторот.
Градиме по план, инвестираме во иднината на граѓаните.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ