Ниту ќе има распуштање на Собранието, ниту пак има притисоци врз пратеници, се наведува во писменото соопштението со кое владејачката СДСМ реагира на денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој обвини дека полукриминални групи под контрола на власта вршат притисок врз пратеници од владејачкото мнозинство кои сакаат да поддржат предвремени парламентарни избори.

Од владејачката партија велат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се заплеткал во сопствените лаги, па затоа денеска мора да пласира нови.

Исплашен за својата фотелја во `Белиот дворец`, Мицкоски се заплетка во сопствените лаги. Затоа денес, на голем православен празник мора да пласира нови. На почеток на оваа година, токму на Божиќ, Мицкоски изјави дека на крај на јануари ќе собере 61 пратеник и ќе се случи распуштање на Собранието. Еве, дојде крај на јануари нема ништо од неговите најави, нема распуштање на Собрание, Мицкоски го излажа народот, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Затоа, додаваат оттаму, кога очигледно дека нема ни близу 61 пратеник за распуштање на Собранието, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ мора да кажува нови лаги, за наводни притисоци врз пратеници.

Не му доликува на било кого, најмалку на политичар, верските празници да ги користи за лажење на народот. Ниту има, ниту ќе има распуштање на Собранието, ниту пак има притисоци врз пратеници, велат од Бихаќка.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Охрид, каде присуствуваше на манифестацијата по повод верскиот празник Богојавление – Водици одговарајќи на новинарски прашања рече дека полукриминални групи контролирани од СДСМ и ДУИ вршат притисок врз пратениците од власта кои сакаат да поддржат распуштање на Собранието и распишување на предвремени избори.

Па, мислам дека не би имало човек во Парламентот, рационален човек кој што и сака добро на Македонија, а да не посакува избори. Но, оние полукриминални групи кој што, високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје, веќе почнуваат да вршат притисок врз тие пратеници, изјави Мицкоски во Охрид.