Мицкоски е поканет на сериозна средба, многу важна за иднината на државата. Тоа не се приватни средби и ние не сакаме да се мешаме во внатрепартиските односи во ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска на прес конференција пратеничката Даниела Николова откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека повеќе сака средба очи в очи со премиерот Димитар Ковачевски отколку тоа да биде средеба на партиските тимови.
„Доколку Мицкоски нема доверба во сопственото раководство оставаме на него да избере дали ќе дојде сам или со некој од раководството на ВМРО-ДПМНЕ“, одговори Николова на новинарско прашање. Таа уште кажа дека пред државата и пред сите граѓани е исправена „историска шанса да го продолжиме европскиот пат, да оствариме уште еден национален интерес“.
„Со глас за Европа во македонското Собрание можеме да продолжиме напред кон полноправно членство во ЕУ. Сега зависи од сите нас. Изборот пред секоја партија, пред секој пратеник е интеграција во ЕУ или изолација. Нема друга опција. Интеграција во ЕУ за подобар животен стандард, сигурна иднина, засилен економски раст и развој на секое поле. Пратениците, политичките партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ имаат обврска и одговорност пред граѓаните и пред иднината на државата. Европскиот предлог за преговарачката рамка е најдобриот договор со ЕУ, подобар договор нема да има. Тоа не е ултиматум тоа е реалност. И тоа го кажуваат сите наши стратешки партнери. ВМРО-ДПМНЕ не може да обезбеди подобар договор, тоа е лага, токму тие ја држеа земјата 11 години во изолација. Мицкоски сѐ уште има можност да реши, дали ќе ја поддржи македонската иднина во ЕУ или ќе остане во заложништво на Левица“, рече Николова.