Нереален и неразвоен, е оценката на опозицискиот СДСМ за предлог-буџетот за 2025 година што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го усвои на крајот на октомври и за кого наскоро треба да започне собраниската расправа.

Социјалдемократите, соопшти денеска партискиот лидер Венко Филипче, нема да го поддржат ваквиот предлог-буџет. Тие подготвиле и поднеле над 200 амандмани во кои, како што рече Филипче, главниот фокус е на зголемување на платите во јавниот сектор и обезбедување подобри услови за работат и квалитетни јавни услуги.

„Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Владата предвидува раст на БДП од 3,7 отсто за 2025 година, кој нема да може да го оствари, а потврда за тоа се проекциите на Народна банка, која го определи на 3,3 отсто и очигледно најреалната проценка на Светска банка 2,5 отсто. Владина проекција за висок раст на БДП е поставена на нереална основа и има за цел да оправда поголем буџетски дефицит“, рече Филипче додавајќи дека ваквиот пристап на власта ќе води кон зголемување на јавниот долг без притоа да има некаков развој.

Со други зборови, посочи Филипче, „ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе го враќаме во иднина веројатно со многу повисоки даноци“.