Социјалдемократите утре гласаат за нов партиски лидер. По оставката на Зоран Заев, кандидатурата за негов наследник поднесоа тројца кандидати. Поранешната пратеничка, Фросина Ременски, одлучи да се кандидира по својата долгогодишна активност во партијата и политиката. Вели дека СДСМ треба да ги подобри грешките кои ѝ донеле пораз.

За челната позиција во СДСМ ќе се бори и Димитар Ковачевски, кој воедно е и фаворит на Заев. Тој учествуваше во преговорите меѓу екс-премиерот Заев и Алтернатива за проширување на парламентарното мнозинство. Ковачевски вели дека ќе работи СДСМ да забележи победа на наредните избори.

И Јован Деспотовски, актуелен директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, изјави дека внатрепартиските реформи се повеќе од потребни. Додава дека носителите на функциите треба да сносат одговорност пред партиските членови и граѓаните, а не пред лидерот.

Вонредните избори за прв човек на СДСМ се организираат откако Зоран Заев поднесе оставка поради слабиот резултат на локалните избори. Новиот претседател на СДСМ ќе биде и новиот премиер на земјава. Од СДСМ информираат дека гласањето ќе се одвива на 194 избирачки места низ општинските организации во земјата, почнувајќи од 08:00 до 19:00 часот попладне.