Незадоволни од развојот на настаните и изјавите на министерката за образование Весна Јаневска дека наставниците ветеното покачување на платите ќе го добијат во март следната година, наместо во септември, Даниела Николова, пратеничка на СДСМ најави дека утре ќе организираат собир на наставници и просветни работници пред Министерството за образование и наука во Скопје.
Николова на денешната прес-конференција рече дека слоганот на собирот е „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ и оти ќе побараат покачување на платите во образованието за 12 отсто и да се исполнат барањата на наставниците.
Овој собир, вели таа е предпредување на почетокот на учебната година оти како што рече, јасно е дека Мицкоски и Јаневска немаат концепт ниту јасен план за развој на образованието и оти тие целосно го погазиле ветувањето дека платите на наставниците ќе се зголемат.
„Во септември 2022 и 2023 година, СДСМ ги покачи платите во образованието на два пати по 15 проценти. Претходно, во септември 2021 година покачувањето беше од 10 проценти, а во септември 2019 и 2020 година по 5 проценти. Дојде ДПМНЕ на власт, дојде септември и сега нема пари за наставниците. Нема квалитетно образование без инвестиција во образовниот кадар. Но не се само платите. ДПМНЕ не сака да ја намали ниту непотребната административна работа која се бара од наставниците“, рече Николова.
Таа рече и дека власта нема слух за потребата од вклученост на наставниците и стручните служби од училиштата, во процесите на донесување на реформи и образовни политики и оти просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, пренатрупани со технички активности кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно образовниот процес.
Министерката Јанева во изјава дадена претходно рече дека наставниците нема да добијат покачување на платите за 12 отсто сега во септември, но најави дека зголемување ќе има во март, следната година.