Загадениот воздух и нечистата животна средина се единствено наследство од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, соопшти денеска СДСМ, додавајќи дека „граѓаните пак ќе ги поразат нивните деструктивни политики“.
– Периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со Скопје ќе остане запаметен како период на уназадување и уништување на квалитетот на живот во Град Скопје. Криминалните проекти за задоволување на интересите на поединци, зад себе оставија нефункционален град, загаден воздух и нечиста животна средина како наследство од криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалниците Петре Шилегов, Стефан Богоев како и сите останати градоначалници од редовите на СДСМ континуирано работат на обезбедување чист воздух и здрава животна средина, се вели во соопштението.
Депониите, се додава, за кои денеска ВМРО-ДПМНЕ лицемерно глуми загриженост, датираат од минатиот век, а единствено што ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници имаат направено за тој потег е што го „трупале“ со отпад и шут.
– Денес, тоа се менува и се презема конкретна акција. Дополнително, постојано се засадуваат нови зелени површини како во општина Карпош, така и во сите општини во Град Скопје. Граѓаните на Скопје ставија крај на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво. На 5 мај повторно ќе ги поразат деструктивните политики на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска и ќе го изберат Стево Пендаровски за претседател кој води заедно напред кон развој интеграција и напредок, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ.