Вулканот Етна во Италија, најактивниот вулкан во Европа, се активира и почна да исфрла вжарена лава која тече во должина од неколку стотици метри, потврдија вулканолозите во Италија.
Директорот на Националниот институт за геофизика и вулканологија на Катанија (ИНГВ), Еугенио Привитера рече дека станува збор за нова фаза на експлозија во вулканот.
– Ова наскоро може да заврши, а може и да потрае неколку месеци. Во моментов нема опасност за луѓето кои живеат во оваа област, но од безбедносни причини, потребно е да се контролира приливот на туристи, смета Привитера.
Сегашната состојба на вулканот не ги отежнува летовите кон аеродромот во Катанија.
Етна, која се издига на речиси 3.300 метри надморска височина, се наоѓа на источниот брег на Сицилија, помеѓу градовите Месина и Катанија.
Ерупциите помеѓу 1991 и 1993 година го загрозија градот Заферан, кој се наоѓа во близина.