Шпанските министри денеска се согласија да ја намалат законската работна недела на 37,5 часа без намалување на платите, продолжувајќи со една од клучните мерки на коалициската влада и покрај противењето на здруженијата на работодавачи.

За време на неделниот состанок, владата го одобри намалувањето од сегашните 40 часа со извршен декрет подготвен од министерката за труд Јоланда Дијаз, лидер на екстремно левичарската партија Сумар, пренесува Ројтерс.

„Овој предлог е да се живее подобро, да се работи помалку и да се биде многу попродуктивен и економски поефикасен“, им рече Дијаз на новинарите.

Мерката сè уште треба да биде одобрена во парламентот, каде што владата на левиот центар предводена од социјалистичкиот премиер Педро Санчез нема јасно мнозинство и мора да ги балансира барањата на неколку помали партии за усвојување на законот.

Дијаз, која е и вицепремиер, направи план за намалување на работното време до крајот на 2025 година како централен дел од поддршката на нејзината партија за премиерската функција на Санчез.

Каталонците и работодавците против предлогот

Сепак, каталонската централно-десничарска сепаратистичка партија Јунтс веќе изрази противење на предлогот, додека главното здружение на работодавачи CEOE рече дека овој потег ќе ги зголеми трошоците за шпанските компании и ќе ги направи помалку конкурентни.

По неколкумесечни преговори меѓу Дијаз, синдикатите и претставниците на работодавачите, разговорите со CEOE пропаднаа во ноември, откако работодавачите инсистираа дека пократката работна недела не треба да се наметнува со закон, туку да се договори преку колективни договори според потребите на секоја компанија.

„Деловниот свет е за дијалог, а не за монолог“, изјави денеска претседателот на  CEOE, Антонио Гараменди.

Централната банка на Шпанија и поранешниот министер за економија предупредија дека повисоките трошоци за работна сила може да ја поттикнат инфлацијата и да го ограничат создавањето работни места. По одлуката на владата, Куерпо рече дека компаниите можат полесно да ја прифатат промената со оглед на силниот економски раст на Шпанија, падот на инфлацијата и најниската стапка на невработеност во последните 16 години.