Се интензивира изградбата на гасоводот и до крјаот на годинава треба да дојдеме до завршната фаза, рече премиерот Зоран Заев кој заедно со вицепремиерот Кочо Анѓушев и со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески направи увид на градежните работи на гасоводниот крак од Кавадарци-Прилеп кон Битола, кај Плетвар.
-Овој крак е само еден од сите предвидени за гасификација на нашата земја, проект за кој оваа година во буџетот се издвоени 1 милијарда и 557 милиони денари или 1,1 милијарда денари повеќе во споредба со 2018 година. Очекуваме засилена динамика во текот на целата година, во втората половина на годината ќе дојдеме до завршна фаза, со што го носиме блиску гасот до индустријата и граѓаните. Тоа ќе ни овозможи да влеземе во фазата кога ќе ги определиме операторите на секундарната мрежа кои ќе треба да обезбедат пренос и приклучок по конкурентни цени. Веќе ги анализираме можностите за субвенции или евтини кредити за приспособување на внатрешните инсталации и опрема за пристап и избор до поевтин еколошки енергенс. Во функција на развојот, донесовме одлука која што ќе ја имплементираме да данокот на додадена вредност за користење на гасот го симнеме од 18 на пет отсто, изјави премиерот Заев.
Во текот на минатата година надминати се сите нерешливи прашања од имотно – правен карактер за изградбата на гасификациската мрежа, нагласи министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
-Во однос на оваа делница Неготино – Прилеп – Битола, сакам да истакнам дека завршени се околу 36 проценти од градежните работи. Очекуваме да се интензивира работата и да се овозможи еден голем бенефит за граѓаните од Пелагонискиот регион, изјави Сугарески.
Според Бајрам Реџепи, директор на НЕР, до февруари годинава, во реализацијата на магистралниот гасовод Неготино – Битола преку Прилеп, се поставени преку 30 километри на легнати цевки, за во текот на наредните два месеца да се стигне до 50 километри.
-Имаме отворена траса од над 52 километри и решена експропријација на околу 75 километри од оваа делница. Овој проект се реализира според динамиката која ја имаме предложено, која се надевам дека ќе ја надминеме и очекувам дека веќе во вторава половина на наредната година оваа делница да биде оперативна и да се користи за снабдување, рече Реџепи.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски смета дека бенефитите од гасификацијата во прв момент ќе бидат најзначајни за индустриските капацитети кои ќе имаат на располагање поевтин енергенс.
-Со одлука на Прилепскиот совет, е формирано Јавното претпријатие „Енерго Прилеп“. За оваа година од буџетот издвоивме пет милиони денари, токму за проектната документација за секундарната гасфикациска мрежа, рече Јованоски.