Традиционално по деветти пат, СПД „Зелен рај“ од Велес денеска го организира планинарски марш „Февруарски поход 2020“. По вторпат се одржа по видоизменета патека, лани беше до Папрадиште ,а годинава до Богомила. За разлика од лани кога беа 80-тина годинава учествуваа повеќе од двојно, 170 учесници, планинари и рекреативци од повеќе градови, Велес, Штип, Битола, Прилеп, Скопје, Куманово,Тетово и Неготино.
Маршот со патека од 15 километри започна од Железничката станица Гостиражни преку планинарскиот дом во село Стровија и Богомилскиот тунел до Домот на пензионери во село Богомила.
Како што информира за МИА Зоран Игновски претседател на СПД „Зелен рај“ целта на манифестацијата е да се одбележи 76 годишнината од историскиот Февруарски поход од февруари 1944 година и споменот на борците кои учествувале во него, а некои ги положиле и своите млади животи. Годинава учесниците поминаа и кај Богомислиот тунел каде се водела најстрашната битка за време на Февруарскиот поход, а имало и жртви, потсети Игновски.
Тој потенцира дека годинава имало повеќе од двојно повеќе учесници , а споредено со лани, а бидејќи повеќе од учесниците можеле да дојдат до стартот на патеката со воз и да се вратат назад по завршување на походот, Сите што сакале да дојдат порано, за нив синоќа имало организирано и ноќевање во планинарскиот дом во Стровија.
Тој појаснува дека патеката на маршот била средно тешка, за поискусните и тешка за почетниците во планинарењето.
Инаку планинарскиот марш „Февруарски поход 2020“ заврши попладнево со заеднички ручек во Домот на пензионери во Богомила каде беше зборното место на враќање од маршот, со заеднички ручек – војничко гравче и забавна програма, а поддржано од повеќе спонзори информираат од СПД „Зелен рај“.
Инаку СПД „Зелен рај“ со оваа манифестација воедно одбележа и 15 години од своето постоење.