Валбурга Батева, сопругата на Момо Николовски, со емотивно обраќање на социјалните мрежи побара помош за докажаниот фолк-уметник кој е сериозно болен. На еден од доајените на македонската народна песна му е дијагностициран абдоминален канцер и потребни се средства за негово лекување во странство.
-Момо е мојата љубов. Човекот на мојот живот. Моето вечно момче и мојата рајска музика во срцето. Цел живот со неговата песна развеселуваше, но и безброј пати помагаше на луѓе кои беа соочени со животни предизвици. Сега е неговиот ред. Сега е нашиот ред. Ни треба помош, оти звуците на љубовта не смеат да згаснат, сега, кога најмногу си требаме еден на друг. Не сакам да го дадам, нема да го дадам! Неговата топла душа е моето скришно, безбедно место, таму не живее темнината, таму има доволно светлина за сто животи и уште еден. Секогаш бев тука за вас и вие за мене. Барајте ме, вие кои знаете колку го љубам, но и вие другите, кои сакат некого и некој ве сака. Овој филм мора да заврши со среќен крај, со ваша и Божја помош, а во моја режија. Мече мое, судбино моја, продолжи да танцуваш со мене! Јас, ти и музиката – напиша Батева на „Фејсбук“.
Веста за болеста на Николовски прв ја објави музичарот Сашо Ливрински.
– Почитувани колеги музичари и пријатели на македонската музика,ви се обраќам како долгогодишен соработник на мојот почитуван колега и кум Момо Николовски, на кого во моментов му е потребна нашата несебична помош и поддршка. Потребни се финансиски средства за негово итно лекување, затоа ве замолувам секој според можностите да помогне донирајќи на следната ж-сметка: 300007032927321-Комерцијална банка АД Скопје. За повеќе информации слободно контактирајте ме на телефонот 070 279 769 – напиша Ливрински.