Ќе се ограничат маржата на вештачките ѓубрива и растот на цените на ѓубривата на домашниот пазар. Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за 10 отсто ќе се намали продажната цена на резервите ѓубрива што продавачите ги набавиле по стари цени.
Овие одлуки ги донела Владата на денешната седница, а ќе важат до 31 мај годинава.
Дополнително, информира Трипуновски, се воведува и обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива – трговците на мало се должни месечно да обезбедуваат и да продаваат најмалку 70 отсто од просечните количини набавени во 2026 година, а тргвоците на големо да ги снабдуваат трговците на мало со најмалку 70 отсто од просечно продадените количини.
Според министерот, Државнот пазарен инспекторат констатирал раст на цените и варирање на маржите, кои во зависност од компанијата се движеле од 15 до 60 отсто, а во некои случаи, кај специјални, органски ѓубрива, имало раст на маржата и до 70 проценти, што е недозволиво.
– За да се спречи растот на цените и да им се помогне на земјоделците и на домашното земјоделско производство, денеска Владата донесе одлука со која се ограничува маржата на цената на вештачките ѓубрива. Првата одлука се однесува на сите правни и физички лица регистрирани за производство и трговија на големо и мало, кои прибавуваат и продаваат неоргански, органски и органоминерални ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својството на почвата. Највисоката профитна бруто-маржа на неорганските ѓубрива со оваа одлука кај сите трговски друштва и трговци поединци, кои учествуваат во трговскиот синџир, се утврдува во вкупен износ до 5 отсто во трговијата на големо и мало, а за органските и органоминералните ѓубрива, како и биостимулаторите, до 10 отсто во трговијата на големо и мало. Со втората одлука се ограничува растот на цените на ѓубривата на домашниот пазар, односно се коригира продажната цена за 10 % намалување на резервите што продавачите ги имаат набавено по старите цени – објасни Трипуновски.
Одлуките се донесени врз претходна консултација и разговор со регистрираните увозници на вештачки ѓубрива, но и по претходно направена анализа од страна на Државниот пазарен инспекторат.
– Целта е да се стабилизира пазарот, да се намалат трошоците и да се заштити домашното производство. Ако треба, во иднина ќе се преземат и дополнителни мерки во интерес на граѓаните и економијата – истакна министерот.




