Новата методологија за пресметка на синдикалната потрошувачка кошничка презентирана на крајот на минатата година покажа дека две минимални плати не се доволни за да се подмират минималните трошоци на едно четиричлено семејство.
Пресметките покажаа дека во декември на едно семејство од двајца родители и две деца ученици им се потребни 56.522 денари за подмирување на основните месечни потреби. Потешко им е на семејствата кои плаќаат кирија, бидејќи нивната синдикална кошница е поскапа за 21.324 денари поради трошоците за станарина, вода, струја и греење.
Доколку се спореди со минималните трошоци во декември 2022 година пресметани според старата методологија, разликата е 13.359 денари. Анализирајќи ги последните три години, односно од 2020 година, може да се забележи дека има континуиран раст на трошоците. Така, ако во декември 2020 година, на едно семејство му биле потребни 33.696 денари, во декември 2021 година за истата намена биле потребни 35.042 денари, а во 2022 година 43.163 денари.
Континуиран раст на трошоците се бележи и од почетокот на минатата година. Така, ако се спореди јануари како прв месец во годината и декември како последен месец во годината, минималните трошоци на едно четиричлено семејство се зголемени за 13.141 денар.
Минималната плата, според последното усогласување, изнесува 20.175 денари, а годинава, според најавите на надлежните, се очекува да се зголеми и во март, кога се прави усогласувањето, да изнесува околу 22.500 денари. Но, и со овој износ, две минимални плати ќе бидат малку за да се покрие синдикалната кошничка за декември.
Новата методологија изработена од двајца универзитетски професори и поранешни министри за финансии Никола Поповски и Драган Тевдовски, според најавите на Сојузот на синдикати на Македонија, ќе претставува основa по којa синдикатите годинава ќе се залагаат за зголемување на платите на работниците.
Годината што измина ја одбележаа и низа синдикални протести со барања за зголемување на платите на вработените особено по одлуката на Уставниот суд со која платите на избраните и именуваните лица се зголемија за 78 проценти.
ССМ на неколкупати бараше враќање на платите на функционерите и на судиите на ниво како пред одлуката на Уставниот суд, дури поднесе и предлог до Собранието на Република Северна Македонија, но таквата иницијатива не наиде на поддршка од пратениците.
– Ниту една политичка партија, ниту еден пратеник не се одважи на нашиот предлог за измени на законот. И позицијата и опозицијата сложно молчат кога станува збор за нивните плати. Нас, работниците и пензионерите тоа не лути, односно дека нема зголемување за нас, а за нив има, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов при крај на годината.
Од Владата, каде со одлуката на Уставниот суд се опфатени околу 50-тина функционери, неколкупати укажуваа дека треба да се променат седум закони и дека е потребна волја од сите засегнати страни затоа што покрај владините фуккционери, со одлуката опфатени се и пратениците, градоначалниците и судиите и јавните обвинители.
Ова прашање останува како предизвик годинава кога на политички план не чекаат два изборни циклуса (претседателски и парламентарни избори).
Билјана Анастасова-Костиќ
Фото: МИА архива