Изреката дека сè почнува во нашата глава е вистинита. Мозокот нè контролира целосно преку нервите и хормоните со кои управува хипофизата. Ако долгорочно го „заморуваме“ мозокот со лоши мисли, недостаток од спиење и неквалитетна исхрана, тоа со тек на време ќе остави трага и во нашето тело.
Стресот го оштетува мозокот
Во обидите да одговориме на важните прашања и да донесеме клучни одлуки, некогаш може и да не успееме, а тоа често се случува поради обидите наеднаш да постигнеме да направиме сè што сме замислиле. Поради тоа, може да се случи да западнеме во маѓепсаниот круг на стресот, кој освен што нема да ни помогне да ги решиме дилемите, дополнително ќе создаде чувство на претовареност, и ментално, и физички. Штом еднаш мозокот излезе од рамнотежа, истото се случува и со телото. Стресот, исто така, влијае и на правилното лачење на хормоните, особено на кортизолот, кој пак, е директно поврзан со работата на другите жлезди во телото.
Спиењето и вежбањето се потребни за регулација на кортизолот
Високи нивоа кортизол има кај оние кои лошо спијат и кои не се доволно физички активни. Кога имаме недостаток на (квалитетен) сон, мозочните клетки веќе не можат правилно да функционираат, а способноста за расудување е целосно искривена. Вежбањето пак, помага кислородот рамномерно да се пренесува низ телото. Комбинацијата на физичка активност и добар и квалитетен сон се клучни за регулирање на нивоата на кортизол, кој ако е покачен, може да предизвика анксиозност, депресија, прекумерна тежина, проблеми со варењето, но и да го зголеми ризикот за автоимуни заболувања.
Медитацијата како лек
Со промена на секојдневните навики, како што се исхраната, физичката активност и контролирањето на нервозата, можеме да си помогнеме полесно да се ослободиме од стресот. Како особено ефикасна во вакви случаи се покажала медитацијата, благодарение на која ќе се ослободите од стресовите, но истовремено ќе влијаете позитивно и на физичкото и на менталното здравје. Доволни се дури и три месеци активно применување на техники за медитација, за да можете да забележите значајно подобрување на емоционалната и социјалната интелигенција, како и на способноста за решавање проблеми.
Сè почнува од главата
Современиот начин на живот може да биде пребрз и премногу стресен за нашето тело и може да направи да се чувствуваме болни, дури и кога клиничката слика укажува на сосема здрава личност. Врз ваквата состојба влијаат лошите животни навики, грижите, лутината, гневот, консумеризмот, кариеризмот… Многупати, очигледните симптоми воопшто не ги поврзуваме со стресот, со што правиме грешка уште во почетниот чекор при решавање на проблемите.
Секој може (и мора) да се „рестартира“ и регенерира
Со промена на начинот на живеење и размислување, можеме да влијаеме врз рамнотежата во нашиот живот. Здравствените тегоби кои ги имаме се последица на неразрешените односи кон себе, но и со другите луѓе. Често можат да бидат предизвикани од пасивен страв, депресија, трауматични искуства, неприфаќање на реалноста, непрепознавање на проблемите, избегнување на одговорноста… Ослободете се од овие таканаречени стеги кои самите си ги поставувате, така што ќе ги погледнете нештата надвор од рамките на вашите мисли, за да можете да ги забележите деталите кои ги пропуштате.
Вербата во себе е клучна
Половичните решенија на проблемите не ја намалуваат нивната тежина. Доколку страдате од мигрена, не е доволно само да ги земате лековите, туку и да го промените својот став, односно да стоите на тоа дека нормалната состојба на вашето тело е кога мигрената не постои. Сигурно во почетокот би било тешко да се прифати ваков начин на функционирање, но со редовна практика и вежба, може да стане неразделен дел од вас и од вашата способност на согледување и соочување на проблемите.
Биологијата на телото ја следи силата на умот
Најважно е да сфатиме дека секогаш имаме избор да ги промениме нештата кон подобро. Наместо да се потпирате само на лековите, кои ги намалуваат физичките симптоми на нарушувањето, дајте ѝ доволно простор и на вашата потсвест, на внатрешната сила на телото, за да се изборите против она што ве мачи. На тој начин ќе ја вратите рамнотежата на физичкиот и менталниот дел од вас. Само ако сте реални и искрени кон себе, биологијата на телото ќе ја следи силата на вашиот ум.