Боинг 737 на компанијата „Чајна Истерн Ерлајнс“ со 132 патници се урнал во Кина по еден час летање.

Според снимките, авионот паѓал вертикално кон земјата пред да удри во планина по што веднаш се запалил. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа кобниот момент кога авионот во близина на градот Вужоу во областа Тенг во јужната провинција Гуангкси авонот паѓа вертикално кон земјата и удира директно во планината. Боингот 737 по падот се паспаднал и предизвикал огромен пожар во кинеските планини.

Спасувачките екипи веднаш пристигнале на местото на настанот и го пребаруваат теренот. Претставник на екипите за брза помош изјавил дека авионот е целосно уништен, а пожарот кој избил на местото на падот во меѓувреме бил изгаснат.

За сега нема информации за причината за падот на авионот, кој сајтот за следење летови го идентификува како авион 737-800, а бил во воздух нешто повеќе од еден час и стар само 6 години.

Боинг 737-800 спаѓа во авионите кои се сметаат за безбедни и претходник на контроверзниот модел 737 Макс 8, кој по два пада на авиони во Индонезија и Етиопија со години беше повлечен од сообраќај.

Инаку државната авиокомпанија „Чајна Истерн Ерлајнс“ е водечка фирма во Кина и го дели високото шесто место во светско рангирање во браншата, а Кина е позната по високи стандарди во воздушниот сообраќај.