Васкуларниот хирург и еминентен професор – емеритус (редовен професор во пензија) од Атинскиот универзитет, Панајотис Димакакос се замонашил во манастирот Ватопед, втор во хиерархијата манастири на Света Гора.
Веста за замонашувањето на Димакакос ја соопштија грчките медиуми. Професорот од Атина, покрај научните достигнувања и стручноста во операционата сала, останал запаметен и по тоа што со неговите залагања е зачувана болничката соба во која починал Светиот Нектариј Егински.
Докторот Панајотис за време на својата кариера постојано зборувал за Божјата интервенција во операционите сали, кој тој лично ја почувствувал и видел.
Во едно интервју изјавил: „Кога ќе ја ставам хируршката маска, секогаш три пати се помолувам – Благ Исусе подај ја раката и управувај со моите прсти“.
Неговите колеги сведочеле дека тој во болничката соба секогаш се молел за своите пациенти, додека пак за тешките случаи останувал во болницата на молитва се додека му дозволувало времето до следната операција.
Познат е и по тоа што за време на неговата кариера постојано зборувал против абортусот, потенцирајќи дека Грција продолжува да убива секој ден по 1000 неродени деца.
Извор: Религија.мк