Борбата против криминалот и крупцијата треба да биде уште позасилена, поотворена и уште порешителна. Мораме сите заедно да се бориме против ова зло, изјави премиерот Зоран Заев, изразувајќи поддршка за работата на вицепремиерот Љупчо Николовски, кој работи на координацијата на сите институции во надлежност на извршната власт што се борат против криминалот и корупцијата во државата.
– Задоволен сум заради тоа што многу процеси коишто не беа отворени во државата веќе се отворија. Имаме конкретни примери на реализација на антиципирање или превенирање во одредени можни судири на интереси, коруптивно делување или слично. Се зајакнуваат токму капацитетите на извршната власт преку оваа координативна улога на потпретседателот на Владата за борба против корупцијата и криминалот. Секако тој има во својот дел и други надлежности, како што се човечките ресурси и одржливиот развој. Ова што Љупчо Николовски го работи со својата политичка поставеност во самиот систем и како генерален секретар на СДСМ и тоа како може да биде од огромен придонес во успехот во севкупната борба против криминалот и корупцијата, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.
Тој потенцира дека во надлежност на Николовски е делот на извршната власт и институциите коишто се во извршната власт, а покрај тоа во борбата против криминалот и корупцијата се вклучени и други институции како Јавното обвинителство, Судот, Државен завод за ревизија, ДКСК и сите други регулаторни тела или независни институции коишто постојат во државата.
Заев нагласи и дека не се согласува со оценката на Транспаренси интернешнл оти е уназадена борбата против криминалот и корупцијата во државата, имајќи ја предвид сета слобода, транспарентност, одговорност и сето постапување во делот на увидувањето, дури и на индиции за можен судир на интереси или корупција.
– Ова што излезе во делот на Транспаренси интернешнл нема да не обесхрабри. Јас ги имам своите впечатоци за анализите и дефинитивно не можам да се согласам дека Република Северна Македонија е уназадена во делот на борбата против криминалот и корупцијата на целата оваа слобода, на целата оваа транспарентност, на целата оваа одговорност и на целото ова постапување по делот на увидувањето, дури и на индиции за можен судир на интереси, корупција или слично. Контра-прашањето е да се вратиме на времето во режимот, па да видиме колкава била корупцијата и дали во споредба со тоа е подобрена или не, да ја правиме паралелата токму од тој период, нагласи Заев.
Според него, тоа сепак не значи дека треба да бидеме задоволни до каде сме стигнати и треба да работиме многу посилно.
– Деталите на анализата на самиот извештај сериозно ги анализирав и видов од каде доаѓаат, кој ги дава анкетните прашања и како е тоа одговорено. Каков и да е мојот став, пораката мора да биде дека уште позасилено, уште поотворено, уште порешително мораме сите заедно да се бориме против ова зло кое што е присутно секако секаде во светот, така е присутно и во Република Северна Македонија, заради тоа што од успешноста во борбата против криминалот и корупцијата зависи и економијата, зависи здравството, зависи образованието, зависи културата, зависат сите сегменти на нашето секојдневно живеење, рече премиерот Заев.