Извршниот комитет на регионалната ракометна СЕХА – Гаспром лига одлучи во сезоната 2019/2020 кинескиот тим Пекинг спорт универзитет да биде нов учесник во натпреварувањето.
– Деветтата сезона на СЕХА – Гаспром лига ќе донесе многу новини во нашата лига, а еден од нив ќе биде кинескиот тим Пекинг спорт универзитет, кој ќе учествува во претстојната сезона во Лигата. Влезот на кинескиот тим ќе ја одбележи новата ракометна ера во регионот и во СЕХА-Гаспром лигата. Нашата цел е да го развиеме регионалниот ракомет и да донесеме нешто ново, револуционерно во регионот. На овој начин ги прошируваме нашите хоризонти и пазари во југоисточна Европа, но и надвор од европските граници, изјави Михајло Михајловски, претседател на СЕХА-Гаспром лигата.
Тој понатаму го коментираше проширувањето на Лигата од 10 до 12 клубови.
– Во претстојната сезона ќе имаме 12 учесници во Лигата. Ние отсекогаш се стремевме кон посилни спортски и маркетинг аспекти на Лигата и сме сигурни дека со кинескиот тим што ќе влезе во Лигата, иднината на ракометот во регионот и на глобално ниво ќе има корист од тоа, смета Михајловски.
Актуелен шампион во СЕХА е Вардар, а покрај „црвено-црните“ во регионалнот натпреварување, од македонските екипи настапува и Металург.