Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини во новогодишно обраќање до јавноста посака пласман на ЕВРО 2020.
– Пласманот на Европско првенство е остварување на сонот. Јас се надевам дека македонската репрезентација ќе биде во најдобро издание на бараж натпреварите против Косово на Националната арена „Тодор Проески“, а потоа и на финалната пресметка, сеедно дали ќе биде во Грузија или Белорусија. Оваа генерација одигра одлични натпревари во квалификациите и ја врати довербата во најдобриот национален тим, вели Сејдини.
Тој се обврза дека ФФМ ќе стори се за да им се обезбеди одлични услови на репрезентативците.
– Искрено, се надевам дека ќе бидеме на висина на задачата и ќе уживаме во моментите на радост. Треба да го задржиме заедништвото и квалитетот во натпреварите. Токму поради тоа, со голем оптимизам гледаме кон Европското првенство. Посакувам голема среќа на натпреварите за историски пласман на ЕП 2020. Федерацијата, како и секогаш до сега, ќе обезбеди максимални услови за репрезентацијата.
Кај првиот човек на македонскиот фудбал и понатаму останува заложбата за развојот на младинските категории.
– Направивме голема работа со фудбалската академија која е во рамки на ФФМ, но наша цел е да им помогнеме и на клубовите да ја развијат младинската база. Оттаму, постојано се обидуваме да помогнеме и преку техничка поддршка за развој на младинскиот фудбал. Нашите тренери постојано ги праќаме да се едуцираат меѓу најдобрите, а тоа секако носи резултат и во младинските категории, посочува Сејдини.