Продолжува расправијата помеѓу министерката за одбрана Славјанка Петровска и градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу околку надлежностите за споменик кај Карпалак.
Имено, во изјава за Пресс24, градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу рече дека несреќа за нашата држава е да се има министер кој дава скандалозни и навредливи изјави кон општина Желино и нејзините граѓани.
„Навистина не очекував ваква аматерска изјава од еден министер. Со оваа изјава сериозно е нарушен имиџот на целото Министерство за одбрана, бидејќи верувам дека оваа институција има многу добри луѓе кои не го делат истото мислење како министерката“, изјави Сејдиу за Пресс24
Градоначалникот преку својата изјава и се обрати на министерката Петровска и и порача дека општината нема да се обраќа со обвинувачки однос.
„Министерке Петровска, за општина Желино веројатно не знаете повеќе од „Карпалак“. Овде имаме Албанци и Македонци со кои заедно живееме и соработуваме за развојот на местото каде живееме“, рече Сејдиу.
Сејдиу побара Министерката Петровска јавно да им се извини на жителите на општина Желино.
„Од вас како министер за одбрана барам само едно нешто, што поскоро и јавно да им се извините на граѓаните на општина Желина за обвинувањата и навредите искажани од вашата страна. Не е ниту етички ниту институционално еден министер за одбрана на овој начин да го крши кодот за јавна комуникација, да го нарушува имиџот на министерството што го води и да навредува и неосновано обвинува друга институција, која е избрана од нејзините граѓани.“- изјави Сејдиу.