Проектот на УСАИД за инклузија на Ромите, организираше настан во Градскиот Парк во Скопје, со којшто го одбележа 2 август – Ден за сеќавање на Холокаустот на Ромите.

Преку изложби, фотографии и презентации на факти и сведоштва и прикажување на канадскиот документарен филм „Неброен народ: Нераскажаната приказна за Ромите“, посетителите имаа можност да се информираат за прогонот и истребувањето на Ромите во Европа.

„Да не се заборави и да не се повтори“ е паролата која се пренесува од генерација на генерација. За ромската заедница овој датум значи болка и траума, особено за семејствата на жртвите од Холокаустот, но и претставува силен поттик за барање на правда, еднаквост и борба против дискриминацијата – изјави Шенас Имер, програмски координатор на проектот на УСАИД за инклузија на Ромите.

Таа додава дека ја следат работата на владините институции за одговорноста кон решавање на ромските прашања и потреби и се посветуваат кон намалување на дискриминацијата врз Ромите и подобрување на нивната вклученост во општеството.

Во спомен на сите 500.000 убиени Синти и Роми во Европа за време на Втората светска војна, во 2015 Европскиот парламент го прогласи 2 август за европски Ден на сеќавањето на холокаустот врз Синтите и Ромите. На овој ден во 1944 година се убиени последните 4.300 Синти и Роми во нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау.

Како и Евреите, така и Синтите и Ромите биле третирани како граѓани од втор ред и врз нив се спроведувало системско истребување. Се проценува дека околу половина милион Синти и Роми биле жртви на нацистичката политика на прогон и истребување.

Проектот на УСАИД за инклузија на Ромите го спроведува Институт за истражување и анализа на политики – РОМАЛИТИКО во партнерство со Здружението на граѓани РОМАВЕРЗИТАС, Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ, Организацијата за јакнење и организирање на ромската заедница РОМАНО АВАЗИ.

Цел на проектот е да ја мотивира ромската заедница и граѓанските организации да преземат лидерски улоги во развојот и спроведувањето на националните стратегии и политики кои се однесуваат на вклученоста на Ромите.