Утрешниот старт на вакцинацијата против Ковид-19 во земјата е всушност почеток на последната фаза во борбата со пандемијата, истакна министерот за здравство Венко Филипче во вчерашното гостување на Сител, зборувајќи за денешниот почеток на вакциирањето со кутијата вакцини што ни ги подари Србија, а што е проследено со таква помпа, што се чини како да се работи за вакцинирање на последниот невакциниран Македонец.
Се подготвувавме согласно сите препораки, од сите соодветни здравствени меѓународни институции, СЗО, производителите. Така го димензиониравме нашиот систем. Едноставно, го надградивме постоечкиот систем на имунизација. Низ неколку фази на едукација целосно се едуцирани, тренирани докторите и медицинските сестри коишто ќе работат на вакцинацијата. Целосно е поставена инфраструктурата и подготвени се пунктовите, истакна Филипче, потенцирајќи дека и СЗО ја препозна нашата земја како најподготвена за процесот на имунизација, согласно прашалникот кој го пополнуваа сите земји од Европа и пошироко.
Филипче истакна дека, и покрај огромното искуство за имунизација со други вакцини, станува збор за специфичен процес.
Требаше да се подготват вакциналните пунктови. Сепак се тоа места каде вообичаено доаѓаат деца, што значи требаше да се направи реорганизација. Фрижидерите не се само нешто што треба да се постави, има точно време колку вакцините треба и можат да стојат во нив, колку време стојат надвор, како се раствораат и друго. Сето ова е еден комплексен процес, со препораки коишто мора стриктно да се следат. Сепак ова е нова работа, нов систем кој се случува насекаде во светот, изјави Филипче.
Тој потенцира дека вакцинацијата почнува со здравствените работници кои работеле и работат со ковид-пациенти. Први ќе бидат вакцинирани здравствените работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница „8 Септември“, болницата во Козле и клиниките во состав на интерните клиники кои хоспитализираа пациенти. Од следната неделаќе почне и вакцинацијата на медицинските лица во болниците ширум државата, како и од приватните болници.
Ние за 10-тина дена се чини дека ќе бидеме една од ретките земји во Европа во која ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници коишто работат со ковид-пациенти, согласно нашиот план, потенцираше Филипче.
Министерот истакна дека по пристигнување на вакцините, има административни процедури кои мора да се завршат. Кога се прима вакцината се анализираат документите, сертификатите кои доаѓаат од производителот, контролата на квалитет и тоа е една стандардна процедура која кај нас се одвива, а во која учествува царинската управа, агенцијата за лекови, службата за имунизација при министерството за здравство, експерти од фармацевтскиот факултет.
Филипче информираше дека во текот на следната недела се очекува да пристигнат и другите дози на вакцини од Србија, а според последните информации од производителот, поради тамошните празници до крај на месецов во земјава треба да пристигнат и кинеските вакцини. Согласно планот, дневно ќе се вакцинираат помеѓу два и четири илјади лица.