Воздухопловот „Боинг“ 737-800 со капацитет од 189 седишта, попладнево во 16:50 часот пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје со што и официјално е воспоставена директната нова редовна линија Москва – Скопје на која сообраќа руската авиокомпанија „Нордвинд ерлајнс“.
Летот траеше 3 часа и 25 минути. Засега директната линија ќе биде еднаш неделно, во петок, но „Нордвинд“ планира дополнителни два лета, односно авионите Москва – Скопје да сообраќаат три пати неделно.
Цената на авионскиот билет од Москва до Скопје е 106 евра, a од Скопје до Москва 125 евра.
-Ова е прва воздушна линија и директно поврзување меѓу главните градови на Северна Македонија и Русија по 20-ина години. Почнувајќи од денеска „Нордвинд“, ќе лета еднаш неделно, секој паток од Меѓународниот аеродром „Шеремјетво“ во Москва до Меѓународниот аеродром во Скопје. Оваа авиолинија ги обновуваме можностите за унапредување на соработката во економијата, инвестициите, туризмот и културните врски меѓу двете земји, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по слетувањето на авионот.
Тој, како што рече, е убеден дека директната линија Москва – Скопје ќе отвори нови перспективи меѓу двете земји.
-Владата континуирано создава услови за влез на нови авиокомпании кои ќе овозможат поголема мрежа на авиолинии до повеќе дестинации за македонските граѓани, подвлече Бочварски и најави дека многу скоро и авиокомпанијата „Визер“ повторно ќе почне со оперирање на дестинациите кои беа прекинати поради пандемијата, рече Бочварски.
Според него, најавени се летовите до Барселона, Малта, Ларнака, Париз, Осло, Милано, Тревизо и Рим.
-Очекувам дека со постепеното олабавување на мерките од КОВИД пандемијата како во земјава, така и во другите држави во кои имаме воспоставено летови, наскоро ќе го вратиме авиосообраќајот на ниво на кое беше изминатите години кога бележевме рекорден број превезени патници на домашните аеродроми, потенцира министерот.
Отворањето на новата авиолинија ја поздрави и директорот на ТАВ Македонија, Метин Батак.
-Многу сме среќни што „Нордвинд“ одлучи да почне со летови на релација Москва – Скопје, отворајќи ја првата воздушна врска меѓу Република Македонија и Руската Федерација по 20 години пауза. Силно веруваме дека оваа досега неопслужена авиолинија има голем потенцијал и дека ќе биде од огромна корист за бизнис патниците и за туристите, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак по слетувањето на авионот на Скопскиот аеродром.
Според него, новата авиолинија Скопје – Москва е и прва авионска врска со Источна Европа.
-Во време кога авијацијата на глобално ниво трпи од КОВИД – кризата влезот на „Нордвинд“ на македонскиот пазар е сигнал дека доаѓаат подобри денови. Се надеваме дека патниците од Русија ќе ја откријат Северна Македонија како нова дестинација за патување, додека Македонците ќе ја искористат можноста да ја посетат Москва, еден од најголемите главни градови во светот со пејзажи како од бајките, богата историја и култура. Летовите меѓу двата града сигурно ќе ги унапредат и деловните односи меѓу двете земји, напомена директорот.
Претставникот на „Нордвинд“ Глеб Богданов напомена дека има голем интерес за новата директна линија Скопје – Москва, а дополнително атрактивен овој лет го прави тоа што, како што рече, во земјава не се потребни визи за руските граѓани.
На отворањето на новата авиолинија присуствуваше и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин.
-Потребата од директни летови се чувствува подолго време. Што се однесува до Mакедонците кои би сакале да ја посетат Русија за туризам, студии или работа, се надеваме дека привремените ограничувања за нивното патување во нашата земја поради пандемијата ќе бидат наскоро укинати и тие, исто така ќе можат да го користат овој лет, истакна Баздникин.
Тој посети дека редовните летови од Русија кон Северна Македонија почнале во 1993 година, а првиот бил со Ту-134. Летови имало осум години по што биле прекинати во 2001 година. Причината за ова, рече амбасадорот, биле ограничувањата за бучава што европските земји ги вовеле за авиони произведени во Советскиот сојуз, а користењето модерни воздухоплови тогаш се покажало дека не е ефикасно.
-Прашањето за воспоставување директна линија меѓу двете земји се разгледуваше подолго време во билатералните контакти, вклучително и на ниво на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка. На 9. седница на Комисијата одржана во ноември 2019 година во Охрид, на надлежните агенции од двете земји им беше дадена препорака да се направи се што е потребно за организирање директна воздушна рута, истакна Баздникин.
„Нордвинд ерлајнс“ е една од најдобрите седум руски авиокомпании. Нуди летови во повеќе од 200 дестинации. Врши превоз од 95 градови во 20 земји и има над 650 летови неделно. Околу 150.000 патници ги користат нејзините услуги секоја недела. Во 2019 година, пред пандемијата, „Нордвинд ерлајнс“ транспортирала скоро осум милиони патници. Авиокомпанијата оперира со 33 авиони „Ербас“ и „Боинг“.