Австралискиот премиер Малком Турнбул денеска побара од папата Франциско да го смени надбискупот Аделаиде Филип Вилсон, највисокиот римокатолички свештеник, кој е осуден за прикривање на сексуално злоставување на деца.
Турнбул пред две недели изјави дека надбискупот Вилсон требаше да се повлече од службата уште во мај, кога беше осуден бидејќи не го пријавил во полиција свештеникот педофил Џејмс Флечер, кој повеќе пати злоставувал две деца, кои помагале во црквата, во регионот Хантер Вали северно од Сиднеј во 70-тите години од минатиот век.
Австралискиот премиер истакна дека не треба да му се дозволи на Вилсон (67) да остане надбискуп.
– Веќе требаше да поднесе оставка и дојде време папата да го смени, посочи Турнбул.
Вилсон наведе дека ќе понуди оставка до папата Франциско ако неговата жалба на пресудата биде одбиена во Окружниот суд на Нов Јужен Велс.
Судот во Њукасл на почетокот од месецот го осуди Вилсон на една година затвор поради прикривање на сексуално злоставување на деца, а во меѓувреме беше ослободен со кауција. Судот следниот месец ќе одлучу дали надбискупот ќе ја издржува казната во затвор или куќен притвор.
Флечер во 2004 година беше прогласен за виновен по девет точки за сексуално злоставување на деца, а почина во затвор во 2006 година од срцев удар.