Алијанса за Албанците и Алтернатива се против одложување на пописот, што вчера го договорија премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на лидерската средба во Клубот на пратеници.

Лидерите на двете опозициски партии, Зијадин Села и Африм Гаши, денеска на прес-конференција во Собранието истакнаа дека не го прифаќаат одложувањето на теренското попишување, кое требаше да почне на 1 април, за 5 септември. Најавија дека нивните 12 пратеници ќе гласаат против промена за Законот за попис.

-Ќе ги искористиме сите средства и се што е во наша моќ овој процес да продолжи. Оваа форма на одложување на пописот, како што постапија Заев и Мицкоски за нас е неприфатлива. Пописот не треба да се политизира, туку конечно да знаеме колку сме и да се носат одлуки врз основа на тоа, изјави Гаши.

Според Села, пак не може да има никакви ефекти од средби, како таа на Заев и Мицкоски вчера, туку смета дека за овие прашања треба да се разговара во Собранието.

-Нема да го дозволиме одложувањето на пописот. Имаме механизам да спречиме промена или одложување на Законот за попис преку Бадинетеровото мнозинство. Пописот треба да продолжи, не треба да се одложува. Аргументите поврзани со пандемијата не држат, бидејќи процесот на попишување не е поразличен од прес-конференцијата што денеска ја имаме тука. За пописот постои закон, кој треба да се почитува и спроведе до крај, рече Села, кој ги повика попишувачите да продолжат со своите задолженија.

Според Села имаат информации од Државниот завод за статистика дека на попишувачите им било побарано да ги вратат лаптопите и тој смета оти тоа е недозволиво.

Во врска со најавената средба зо утре со премиерот Зоран Заев во врска со законот а државјанство, Гаши рече дека досега не добиле покана.

Заев вчера по лидерската со Мицкоски најави дека утре во 10 часот ќе има средба со претставници на Алијанса на Албанците и на Алтернатива, на која ќе се разговара за законот за државјанство, но и за сите останати прашања. Тој рече дека средбата е на барања на Алијанса и Алтернатива, а на неа ќе присуствуваат и министрите за внатрешни работи и за правда. Поканети се и координаторите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА.

-До денеска ниту јас, ниту Села не сме добиле покана од Заев за средбата. Се најавуваше, има конткати со нашиот кординатор, но не се знае точно во каков формат би се одржала и за што би се разговарало. Но јасно е дека досега немаме покана за таква средба, рече Гаши.

Додаде дека од коалицијата сметаат дека начинот на кој Заев се однесува во однос на законот за државјанство е погрешен, бидејќи, како што рече, ако сака да разговара за содржината на законот, треба политички да се види со нив како предлагачи, а ако смета да интевенира, тогаш тоа не е негова работа.

-До овој до овој момент немаме покана. Ако во текот на денот добиеме покана подготвени сме да седнеме, да разговараме. Има малку забелешки на тој закон, трите сведоци. Подготвени сме на компромис. Можеме брзо да го решиме тој проблем, рече Гаши.

На новинарско прашање дека поради овој закон предизвикуваат блокада во Собранието, Села рече дека нивната постапка со поднесените амандмани е последица, а не причина и оти причината за блокирањето на законодавниот дом треба да се гледа во други пратенички групи, почнувајќи тоа таа на СДСМ.