Членовите на семејството на децата убиени во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ поднесоа приватна тужба против момчето убиец, 14-годишниот Коста, и неговите родители за нематеријална штета, објави „Блиц“.
Како што се наведува во српскиот медиум, една тужба поднеле вкупно 27 тужители, членови на семејствата на убиениот.
Обвинети се момчето убиец, мајка му и татко му.
„Тужбата е поднесена за надомест на нематеријална штета за претрпената душевна болка поради смрт на блиско лице, како и за претрпениот страв. Исто така, со оваа тужба се бара и паричен ануитет, т.е. исплата на одредена сума пари од денот на пресудата доколку има услови за тоа, а на име идна нематеријална штета за претрпената душевна болка поради смрт на блиско лице“, наведува извор на „Блиц“.
Српските медиуми потсетуваат дека веќе е поднесена тужба против мајката на момчето убиец. Ја тужеа четворица членови на семејството на една од жртвите во пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“. Побарале отштета од речиси 300.000 евра.
На таткото и на мајката на момчето убиец им е привремено забрането да располагаат со недвижен имот и пари. Ова претходно го усвои Вишиот суд во Белград на предлог на семејствата на убиените во основното училиште „Владислав Рибникар“. Сепак, тоа е само привремено решение, чија цел е да се обезбедат средства за исплата на отштета на семејствата на жртвите за смртта на нивните најблиски.
Против мајката на момчето убиец не се води кривична постапка, а како што претходно соопштија од Обвинителството, против неа е поведена истрага, отворен е предмет за да се утврди дали сторила кривично дело злоупотреба и запуштање деца.
На 18 јули момчето убиец беше сослушан како сведок во кривичната постапка против татко му, кој се товари за тешко кривично дело против општата безбедност. Потоа зборуваше како дошол до оружјето, но и зошто го извршил делото.
Таткото на момчето убиец беше обвинет дека го обучувал својот син за ракување со оружје, го однел на стрелиште, а оружјето со кое момчето ги убило врсниците не го чувал според прописите.