Американскиот Сенат вчера го отфрли предлогот на демократите да се спречи претседателот Доналд Трамп во иднина да употреби воена сила против Иран без одобрение од Конгресот, само неколку часа откако Трамп изјави дека ќе размисли повторно да го бомбардира Иран ако збогати ураниум до нивоа потребни за нуклеарно оружје.
Сенатот, во кој доминираат републиканците, гласаше со 53 „против“ наспроти 47 „за“ за резолуцијата за воени овластувања, која ќе бара од претседателот да добие одобрение од Конгресот за понатамошни воени дејствија против Иран.
Гласањето беше во голема мера поделено по партиски линии, со исклучок на демократот од Пенсилванија, Џон Фетерман, кој гласаше против, и републиканецот од Кентаки, Ренд Пол, кој гласаше за резолуцијата.
Сенаторот Тим Кејн, главен спонзор на резолуцијата, со години се обидува да го врати уставното овластување за објавување војна на Конгресот, без оглед на тоа дали Претставничкиот дом го води републиканец или демократ.
Кејн објасни дека неговиот последен обид нагласува дека Уставот на САД јасно му дава на Конгресот, а не на претседателот, единствено право да објави војна, и дека секое непријателство со Иран мора да биде изрично овластено со објава на војна или посебно овластување за употреба на воена сила.
-Ако мислите дека претседателот мора да излезе пред Конгресот, без разлика дали сте за или против војна со Иран, ќе ја поддржите резолуцијата, ќе го поддржите Уставот кој го издржал тестот на времето, рече Кејн во говорот пред гласањето.
Пратениците побараа повеќе информации за нападите на САД врз Иран минатиот викенд, како и за судбината на иранските залихи од високо збогатен ураниум.
Членовите на тимот за национална безбедност на Трамп во четвртокот и вчера одржаа брифинзи зад затворени врати за нападите за сенаторите и конгресмените.
Многу демократи изјавија по брифингот дека не се убедени дека нуклеарните капацитети на Иран се „уништени“, како што тврдеше Трамп веднаш по операцијата.
Противниците на резолуцијата тврдеа дека станува збор за единствена, ограничена операција што е во согласност со овластувањата на претседателот како врховен командант, а не за почеток на подолг воен конфликт.
фото: МИА архива