Политичкиот аналитичар Даниел Сервер смета дека Македонија во јуни ќе ги започне преговорите за членство во Европската Унија и за пет години ќе биде при крајот на процесот за зачленување.
Сервер е професор по меѓународни студии на Универзитетот „Џон Хопкинс“ и добар познавач на работите на Балканот.
– Не сум во бизнисот со предвидувања, но сметам дека најреалистично е Македонија за пет години да биде при крајот на процесот за зачленување во ЕУ, изјави Сервер за МИА.
Додаде дека тоа ќе зависи многу од стабилизацијата на домашната политичка клима што би овозможило навремена имплементација на реформите.
– Во однос на зачленувањето во ЕУ, Македонија е исправена пред два предизвика, имплементацијата на „акис“ (општите права и обврски задолжителни во сите земји членки на ЕУ), како и независноста на судството.
Ако овие реформи, таканаречени потпорни столбови на една градба, бидат имплементирани на време, Македонија е на сигирен пат да стане членка на ЕУ, изјави Сервер за МИА.