Северна Кореја денеска испука неколку проектили со краток дострел од источниот брег на земјата, кои летаа од 70 до 200 километри во правец на североисток, соопшти јужнокорејската армија.
Првично, од Сеул беше кажано дека е во прашање лансирање на ракета, но армијата подоцна даде друг опис на настанот.
Како што пренесуваат странските медиуми, доколку станува збор за ракета, тоа ќе биде првото лансирање откако Северна Кореја во ноември 2017 година испали интерконтинентална балистичка ракета.
Веднаш потоа, Пјонгјанг соопшти дека нуклеарниот арсенал на земјата е комплетиран, а потоа изрази подготвеност за мировни преговори со Јужна Кореја и САД.
Аналитичарите оценуваат дека Пјонгјанг го зголемува притисокот врз САД, по неуспешниот февруарски самит во Ханој за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.