Разузнавачката агенција на Јужна Кореја им покажала на пратениците компјутерска програма со која се анализира здравствената состојба на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Тоа го тврди претставник на парламентарна комисија за прашања на разузнавањето.
Разузнавачката служба изработила специјална програма која врз основа на видео снимки прави посебен 3-Д модел со кој се анализираат промени во надворешниот изглед. Веќе неколку години со таа програма се следи здравејто на претседателот на Државниот совет на Северна Кореја.
Пратеникот изјавил дека според разузнавачките информации, Ким е „во добра здравствена состојба“ и покрај дебелината и наследните ризици за висок притисок и дијабетес.
Службата ги покажала методите како одговор на критики на опозицијата дека разузнавањето веќе не работи толку добро по затоплувањето на односите меѓу двете Кореи.