Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на почетокот на Конгресот на владејачката Работничка партија на Северна Кореја изјави дека неговиот петгодишен економски план од 2016 година не ги постигнал своите цели во „речиси ниту еден сектор“.
– Стратегијата требаше да биде реализирана минатата година, но целите страшно изостанаа во речиси секој сектор, наведе Ким.
Како што јави денеска севернокорејската новинска агенција КЦНА, Ким во вчерашниот уводен говор истакна дека Северна Кореја од последниот состанок постигнала „чудесна победа“ во зајакнување на својата моќ и глобален престиж, реферирајќи на воениот напредок што кулминира во 2017 година со успешното теситарање на интерконтиненталните балистички ракети кои, според него, можат да погодат цели во САД.
Ким осврнувајќи се на пандемијата со Ковид-19 ги пофали членовите на партијата бидејќи обезбедиле „стабилна ситуација против коронавирусот од почеток до крај“.
Севернокорејските власти официјално не пријавија ниту еден заболен од Ковид-19, а Светска здравствена организацијата соопшти дека е можно да има илјадници заразени луѓе.
Се очекува Ким на Конгресот да го претстави новиот петгодишен економски план, целите во надворешната политика, само две недели пред новоизбраниот американски претседател Џо Бајден да ја преземе функцијата.
На Конгресот учествуваат 4.750 делегати и 2.000 набљудувачи, а на фотографиите се гледа дека никој не носи маски, а нема ниту физичка дистанца, за разлика од претходните јавни настани во Северна Кореја.
Досега во Работничката партија на Северна Кореја одржала осум конгреси, а овој е втор за мандатот на Ким. Претходниот Конгрес траеше четири дена.