Германската провинција Северна Рајна-Вестфалија предупреди дека нејзиниот здравствен систем ќе се соочи со колапс на доколку не и биде испорачана медицинска заштитна опрема, пренесе ТВ Сител.
Во интерен документ од Кризниот штаб на покраината, кој го објави весникот „Билд“, се укажува дека на краток рок се заканува колапс на системско-критична инфраструктура, доколку и натаму не биде испорачана заштитната опрема што недостасува.
„Сите градови и окрузи пријавуваат проблеми со набавка на заштитна опрема и средства за дезинфекција“, се вели во документот.
Покрај лекарите и клиниките, Итната помош и установите за нега на граѓани, исто така, се погодени од недостиг на заштитна опрема.
Министерот за здравство на оваа германска покраина, Карл-Joзеф Лауман, објасни дека заштитната опрема била нарачана во значителни количини, но дека е отежнато производството и испораката.
Северна Рајна-Вестфалија е најголемото жариште на вирусната инфекција во Германија.