Граничниот премин Стреизмир-Рестилица на македонско-косовската граница, од денеска до 20 август ќе биде пуштен во употреба за граѓаните од двете земји, информираа од локалната власт на општина Маврово и Ростуше.
Преминот ќе биде отворен секој ден од 08:00 до 22:00 часот, а за преминување ќе важат истите правила како и на другите гранични премини, односно патна исправа (пасош или лична карта и зелен картон за автомобил).
-Овој граничен премин ќе биде многу значаен за развојот на туризмот на општините од двете држави како и за меѓусебното поврзување на жителите од општините Маврово и Ростуше, Центар Жупа и Дебар со жителите на општините Рестелица, Драгаш и Призрен, наведуваат од Општината.
Искажуваат голема благодарност до сите кои придонесле за отворање на овој граничен премин, за кој постои голема надеж дека во иднина ќе биде функционален преку цела година.
Со залагање на градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, преминот што подолг период воопшто не функционираше, беше отворен минатата година од 18 до 20 август. Тогаш беше ветено дека како општина ќе продолжат со активно лобирање за постојано функционирање на овој граничен премин.
Преминот Стрезимир-Рестилица , како привремен официјално профункционира во август 2003 година и се користеше од март до октомври од 7 до 19 часот. Друштвата на Македонците од подрачјето на Гора по неколку години побара преминот да има постојан граничен режим, што значи отворен да биде 24 часа и да може да минува секој. Тие во барањето наведоа дека во отворањето на преминот од Гора гледаат надеж за економска соработка и нивен опстанок таму.
Преку овој премин, кој се наоѓа на планината Кораб, на тромеѓето меѓу Македонија-Албанија и Косово, можеа да минуваат само жителите од пограниниот појас од 25 километри и тоа со посебни дозволи.
Во областа Гора на Косово распослани се 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповест, познати како Горани.